Изненадувачки, но се повеќе и повеќе факти укажуваат дека водењето дневник го стимулира личниот раст, нè мотивира да ги оствариме соништата, а исто така е моќна алатка за подобрување на менталното и емоционалното здравје. Иако по навика мислите дека дневникот е забавен само за девојчиња на возраст од 10-12 години, ние сме убедени дека оваа статија ќе ви помогне да го погледнете дневникот на еден сосема нов начин. Еве зошто…
1. Дневникот ја подобрува менталната јасност
Понекогаш во нашиот ум има толку многу мисли и грижи што тој станува заматен и нашата ефикасност силно опаѓа. Ако сте презафатени на работа, обидете се да го опишете тоа во дневник. Наведете ги сите акумулирани случаи. Со анализа на вашите белешки може да ги поставите приоритети многу полесно. Исто така дневникот е едноставно незаменлив кога сме соочени со важен избор, а главата ни е полна со сомнежи и вознемиреност. Во овој случај ќе ви помогне следната техника. Опишете ги добрите и лошите страни во дневникот, споделете ги вашите грижи и стравови. Вие нема ни да забележите како сликата ќе стане јасна и ќе ви се разјасни во која насока треба да дејствувате.
2. Дневникот ослободува од негативни мисли
Ако сте разочарани или вознемирени запишете го тоа во вашиот дневник, тоа значително ќе го намали степенот на негативните емоции. Опишувајќи како се чувствувате, ја ослободувате негативната енергија нанадвор. Кога чувствата се префрлаат на хартија тие веќе не се токсични за вас, мислите стануваат повторно јасни и вие сте подготвени да донесувате порационални и мудри одлуки.
3. Дневникот дава увид и длабоко разбирање на проблемите
Оние кои редовно водат дневник забележуваат дека оваа практика помага многу во донесувањето одлуки. Запишување на еден проблем дава пообјективен поглед на него што како резултат го привлекува вистинското решение. Сепак, може да се случи идејата за правилно постапување да не дојде веднаш. Важно е да ги идентификувате вашите прашања и да му дадете време на универзумот и самите себеси да ги разберете. Исто така водејќи дневник веројатно ќе добиете многу увид во врска со настаните, нивните учесници и се разбира за себе си. Овој процес може да се спореди со дијалогот што го водиме самите со себе за време на кој се раѓа вистината.
4. Дневникот го стимулира личниот раст
Периодично гледајќи во записите во вашиот дневник, вие лесно ќе забележите поволни карактеристики во вашето однесување кои водат кон среќен и исполнет живот. Сигурно ќе ги забележите и оние црти на вашиот карактер кои ставаат пречки на патот кон внатрешната хармонија, професионален раст и здравите односи. Откако ќе ги сфатите вашите слабости најверојатно ќе сакате и да ги поправите.‘
Еве една приказна за девојче по име Џенис кое живее во Лос Анџелес. “Пред нејзиниот брак таа имаше неколку сериозни врски. После една расправа со своето момче Џенис му напишала писмо иако никогаш не го испратила. Таа внимателно ги чуваше сите писма во дневникот како спомен на минатите настани. Еднаш Џенис наиде на писмата до тројца момчиња напишани пред неколку години. Замислете го нејзиното изненадување кога сфати дека сите незадоволства и поплаки упатени до различните момчиња биле скоро идентични. Ова откритие ѝ овозможи на Џенис да се запознае себеси подобро и ја мотивираше да поработи над своите грешките. Во нејзиниот среќен брак таа не ги пренесе овие грешки.”
5. Дневник – место каде што се опишани и се чуваат нашите креативни идеи, цели и соништа.
На страниците на вашиот дневник можете да бидете потполно искрени со себе си и без ограничувања да зборувате за тоа што сакате од животот. Што сакате да постанете? Каде сакате да одите? Како ја гледате вашата идеална иднина? Или можеби сте еден од оние на кои им се појавуваат оригинални идеи поврзани со професионалните активности. Не им дозволувајте на вашите креативни идеи да се изгубат во огромен проток на мисли – не заборавајте да ги запишете вашите белешки во дневникот. Намерата која е ставена на хартија е доволна за да важи законот за „привлекување“ на успехот. Исто така дневникот е многу ефикасен во планирањето, без разлика дали е план за наредната недела или е план за целата година.
6. Дневникот ви овозможува да ги фиксирате (запаметите) најдобрите моменти од животот
За жал, времето ги брише од меморијата деталите за дури и највредните настани што ни се случуваат некогаш. На пример за денот кога ви се оствари сонот за куче, најкул патување и ред други работи. Дневникот внимателно ќе ги зачува сите топли настани од животот во истата форма во која ги доживеавме во тој многу среќен момент! И доколку ги илустрирате моментите со фотографии, тогаш после одреден број на години ќе можете со цело срце да уживате во живописните спомени. Зарем тоа не е доволна причина да се води дневник?!
Но, се разбира ќе имате и такви моменти на кои подобро ќе биде да не се потсетувате некое време. Затоа откако ќе го завршите дневникот убаво е да го тргнете на страна на некое време. За ова време настаните ќе станат едноставни сеќавања и ќе го загубат својот степен на негативност. Тогаш искушението да се запали тетратката дефинитивно нема да се појави во вас!
7. Дневникот дава можност да се практикува свесна благодарност
Повеќе пати слушаме за придобивките од свесната благодарност. Тоа помага да се тргнеме од негативата и да го развиеме чувството на длабоко задоволство од животот. Потребно е секој ден да се потсетите на три работи за кои сте благодарни без оглед колку и да бидат едноставни, да ги запишете и можете да ја зачувате вашата благодарност не само во дневникот.
8. Дневникот придонесува (помага) за единство со нашата интуиција
Дали се сеќавате на вашите соништа? Факт е дека тие можат да послужат како извор на длабоки увиди во нашите животи. Обидете се да започнете да ги запишувате соништата, барем тој мал дел од нив на кој што се сеќавате веднаш по будењето. Периодично прегледувајте ги вашите записи. Веројатно ќе ја забележите неверојатна врска помеѓу вашиот секојдневен живот и настаните од соништата. Бидете внимателни, бидејќи постои голема веројатност да вашите мали и големи одлуки во животот да доаѓаат токму од вашите соништа.
Како што суптилно забележа британскиот лајф-коуч Џеки Холдер, дневникот е способен да ја игра улогата на вашиот личен психотерапевт и пријател во исто време. Тој е подготвен да ве сослуша во секое време, без ограничувања и осуда. И, исто така сметаме дека дневникот е навика која води кон успех. Патем, многу познати личности водеа и водат дневници, меѓу нив дизајнерот Пол Смит, писателот Вирџинија Вулф, пејачката Ферги и многу други. Запомнете: во водењето дневник не е неопходно да се ограничите на сув опис на изминатиот ден. Споделете ги чувствата, набљудувањата, плановите и соништата со дневникот.